Здружението за унапредување, образование и заштита на човековите и здравствените права, БИДИ ЧОВЕК Скопје, со поддршка од dm drogerie markt започна со кампањата „Превенција подобро од лекување“ за подигнување на јавната свест за оваријалниот карцином.

За потребите на кампањата е снимен документарен филм во кој своите лични приказни ги раскажуваат три извонредни жени Анита Бошкова, Емилија Христовска Костовска и Марија Сотименова кои се избориле со ракот на јајниците.

Медицинскиот аспкет на оваријалниот карцином го објаснуаат професорите по гинекологија и акушерство, Проф. Д-р Ана Данева Маркова и Проф. Д-р Глигор Тофоски. За тоа низ што психилошки поминуваат лицата заболени од карцином пренесува психологот Мирјана Стојановска, а пак за тоа кои се здравствените права на пациентите во однос на работниот однос можеме да слушнеме од правничката Неда Чаловска Димова.

Со оваа кампања ги пренесуваме и ги истакнуваме клучните информации за ракот на јајниците за да ја подигнеме свеста и да ја едуцираме јавноста за редовните гинеколошки прегледи.

Ракот на јајниците често се нарекува тивок убиец поради неговите суптилни симптоми и високата стапка на смртност. Тој е седми најчест рак кај жените на глобално ниво и втор најчест гинеколошки карцином, што доведува до приближно 185.000 смртни случаи годишно ширум светот. Раното откривање значително ги подобрува стапките на преживување, правејќи ја свесноста и образованието клучни.

Симптоми

Ракот на јајниците често се манифестира со суптилни симптоми кои може да се помешаат со помалку сериозни состојби. Вообичаени симптоми вклучуваат: абдоминална надуеност или оток; брзо заситување; губење на тежина; непријатност во пределот на карлицата; промени во навиките на дебелото црево, како што е запек; честа потреба за мокрење.

Дијагноза

Раното откривање е критично, но предизвикувачко поради неспецифични симптоми. Дијагностичките чекори вклучуваат: ултразвучен преглед на гениталните органи,  биохемиски маркери: CA-125 и HE-4, дополнителни дијагностички методи како магнетна резонанца и компјутерска томографија.

Терапија

Плановите за лекување се прилагодени на поединецот и фазата на рак, а може да бидат:

Операција – често првиот чекор за отстранување туморот, хемотерапија, целна терапија и терапија со зрачење.

Рак на јајниците во бременост

Откривањето на рак на јајниците во тек на бременост е ретко, но можно. Симптомите може да се поклопуваат со нормалните промени во бременоста.

Урамнотежувањето на ефективниот третман со здравјето на мајката и бебето е од клучно значење. Опциите вклучуваат операција за време на бременоста или по породувањето, со внимателно разгледување на времето и безбедноста на хемотерапијата.

Документарниот филм ја нагласува издржливоста и храброста на жените кои се соочуваат со рак на јајниците и ја нагласува важноста од рано откривање и едукација. Со ширење на свеста за знаците, симптомите и опциите за третман на ракот на јајниците, можеме да ги поттикнеме жените на рано дијагностицирање и третман.

Филмот е преведен на англиски, албански, ромски и знаковен јазик.

Придружете ни се во борбата против ракот на јајниците со споделување на документарното видео „Превенција подобро од лекување“

Линк до видеото – македонски, англиски, албански јазик (треба да се одбере преводот)

Линк до видеото на знаковен јазик

Линк до видеото на ромски јазик

Линкови до социјалните канали на Биди Човек

https://bidichovek.org.mk

https://www.facebook.com/Bidichovekmk

https://www.instagram.com/bidichovek

https://www.linkedin.com/company/be-human-mk

https://www.youtube.com/@BidiChovek