Во време кога младите сè почесто се соочуваат со предизвици поврзани со стресот, анксиозноста, притисокот од околината и потребата да бидат разбрани и прифатени, разговорот за менталното здравје станува неопходност. Токму од оваа потреба произлезе идејата за првото издание на Фестивалот на ментално здравје „Иницирај промена! Креирај Гласно.“, кој од 9 до 15 јуни 2026 година ќе се одржи во просториите на Националната галерија – Мала Станица во Скопје.
Фестивалот е проект на Здружението за едукација, промоција и заштита на здравствените и човековите права „Биди Човек“, реализиран со поддршка на Ротари Клуб Скопје, Ротари Клуб Скопје Интернационал, Ротари Клуб Скопје Камени Мост, Ротари Скопје Академија и Ротари Клуб Скопје Вардар 245.
Целта на фестивалот е да отвори простор за искрен разговор за менталното здравје, да ја намали стигмата поврзана со психолошките предизвици и да им овозможи на младите преку креативно изразување да ги споделат своите мисли, чувства и животни искуства.
Во изминатите месеци, како подготовка за фестивалот, беа реализирани повеќе едукативни и креативни работилници на кои младите работеа со психолози, уметници и едукатори. Низ разговори, интерактивни активности и ликовно изразување тие имаа можност да зборуваат за теми кои често остануваат неискажани – стравовите, несигурностите, притисоците, очекувањата, осаменоста, но и надежта, поддршката и личната сила.
Резултатот од овој процес се десетици уметнички дела кои претставуваат автентичен приказ на младинските размислувања и емоции. Изложбата што ќе биде поставена во Мала Станица не е само уметничка презентација, туку сведоштво за искуствата на една генерација која сака да биде слушната и разбрана.
Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи на 9 јуни со почеток во 19:00 часот. Настанот ќе започне со отворање на изложбата на младински уметнички дела, по што ќе следува панел-дискусија на тема „Менталното здравје кај младите“.
Во име на ротари клубовите присутните ќе ги поздрави Владимир Парлеев, претседател на Ротари Клуб Скопје Вардар 245, кој ќе зборува за важноста на заедничката општествена одговорност во поддршката на младите и создавањето заедници во кои секој поединец има можност да напредува и да се развива.
На панел-дискусијата ќе учествуваат истакнати професионалци од различни области кои секојдневно работат со деца, млади и семејства. Своите ставови и искуства ќе ги споделат проф. д-р Аспазија Софијанова, иден претседател на Ротари Клуб Скопје Интернационал и долгогодишен педијатар, проф. д-р Катарина Ставриќ, шеф на Катедрата по семејна медицина, психологот Тина Чачоровска, која беше дел од работилниците со младите, ликовниот уметник и педагог Доротеј Нешоски, како и актерот Игор Ангелов. Модератор на панелот ќе биде Јасмина А. Чашуле од здружението „Биди Човек“.
Во текот на седумте фестивалски денови посетителите ќе имаат можност да проследат разновидна програма која ги обединува едукацијата, уметноста, културата и активното учество на заедницата.
На 10 јуни ќе се одржи работилница во соработка со Uniform – Здружението на жени од безбедносниот сектор, посветена на споделување лични искуства, градење отпорност и взаемна поддршка.
На 11 јуни е предвиден интерактивен квиз со Димитар Банов, кој преку едукативен и забавен пристап ќе ги поттикне учесниците да размислуваат за темите поврзани со менталното здравје.
На 12 јуни ќе се реализира специјализирана работилница наменета за кошаркарски тренери во соработка со Здружението Омниверс, посветена на улогата на менталната подготвеност и психолошката поддршка во развојот на младите спортисти.
На 13 јуни посетителите ќе имаат можност да учествуваат во настанот „Paint and Coffee“, кој преку уметност, дружење и креативно изразување ќе понуди простор за релаксација и позитивна интеракција.
14 јуни е предвиден како ден за посета на изложбата, размислување и рефлексија, овозможувајќи им на посетителите во мирна атмосфера да се запознаат со делата и пораките на младите автори.
Фестивалот ќе биде заокружен на 15 јуни со изведбата на дуодрамата „Љубовни писма“, во која настапуваат актерите Игор Ангелов и Верица Недевска. Преку ова културно случување ќе биде испратена уште една порака за значењето на човечката поврзаност, комуникацијата и емоционалното разбирање.
Во текот на целото времетраење на фестивалот изложбата ќе биде отворена за јавноста, овозможувајќи им на посетителите да се запознаат со креативниот процес и пораките што младите ги испраќаат преку своите дела.
На изложбениот простор ќе биде поставена и кутија за донации. Собраните средства ќе бидат наменети за реализација на нови работилници и активности во рамките на проектот „Иницирај промена! Креирај Гласно.“, со цел оваа иницијатива да допре до уште поголем број млади луѓе на кои им е потребен простор за изразување, поддршка и охрабрување.
Фестивалот „Иницирај промена! Креирај Гласно.“ не е само културен настан. Тој претставува платформа за дијалог, солидарност и промена. Потсетник дека менталното здравје е подеднакво важно како и физичкото здравје, дека секоја емоција заслужува да биде прифатена и дека секој млад човек има право да биде слушнат.
Затоа што вистинската промена започнува тогаш кога ќе создадеме простор гласно да зборуваме за она што нè засега, нè боли, нè мотивира и нè поврзува.
Иницирај промена! Креирај Гласно.
