На 11 јануари, со почеток во 12:00 часот, во The Dude Specialty Coffee во Скопје, се одржа промоција на поетската збирка „Огнени ружи“ од младата уметница и поетеса Лина Капсарова.
Настанот се реализираше во организација на здружението „Биди Човек“, во рамки на иницијативата „Иницирај промена! Креирај гласно“, чија цел е охрабрување на младинскиот глас, емоционалната писменост и креативното изразување како чин на лична и општествена храброст.
Промоцијата беше збогатена со поетски рецитал, при што стихови од книгата интерпретираше Барбара Тофоска, придружувана на гитара од Марија Алексовска, создавајќи интимна и емотивна атмосфера во духот на самата збирка.
Во улога на најавувач и модератор на настанот, психологот Тина Чачоровска истакна:
„Да се биде сведок на раѓањето на еден ваков млад автор е вистинска привилегија. Лина Капсарова со голема храброст ги споделува своите мисли, сомнежи, љубови и стравови, создавајќи поезија која е искрена, ранлива и длабоко допирлива. Огнени ружи не е само книга, туку процес на растење, себеспознавање и одлука да се биде видлив – дури и кога тоа е тешко.“
„Огнени ружи“ претставуваше поетска целина составена од лирски писма и песни кои ја истражуваат љубовта како простор на копнеж, нежност и емоционална сувереност. Со искрен и ранлив, но воедно самосвесен глас, Капсарова пишуваше за растењето, внатрешните борби, потребата за припадност и храброста да се биде видлив. Збирката не ја прикажуваше љубовта како зависност, туку ја славеше како однос заснован на слобода, заемно признавање и лична сила.
Насловната страница на книгата беше авторско визуелно дело на Лина Капсарова, создадено во рамки на изложбата „Иницирај промена! Креирај гласно“, иницијатива на здружението „Биди Човек“, со што книгата се заокружи како целосен уметнички исказ – спој на поезија, визуелна уметност и младински активизам.
Лина Капсарова има 16 години и е ученичка во трета година во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје. Таа активно твори и учествува во програмите на „Биди Човек“, каде преку уметноста работи на себеспознавање, артикулација на емоциите и охрабрување на младите да го изразат својот автентичен глас. „Огнени ружи“ енејзина прва поетска книга и претставува интимен дијалог меѓу љубовта и слободата, упатен и кон Другиот, и кон самата себе.
Книгата е достапна онлајн на следниот линк:
https://ko-fi.com/lina421113/shop
Средствата собрани преку оваа платформа ќе бидат наменети за печатење на книгата, како и за креирање на други уметнички дела, со што директно се поддржува независното младинско творештво.
Со ова издание и настан, „Биди Човек“ уште еднаш ја потврди својата мисија: да создава безбеден простор каде младите можат да зборуваат гласно, да чувствуваат слободно и да творат храбро.Поезијата стана чин на отпор и исцелување, а љубовта – место каде што се учи слободата.
