ИНИЦИРАЈ ПРОЕМНА!
КРЕИРАЈ ГЛАСНО!
Во време кога младите се соочуваат со сè поголем притисок, неизвесност и потреба да бидат слушнати, уметноста останува еден од најмоќните начини преку кои тие можат да го кажат она што често им останува неизговорено. Овој каталог ги обединува делата создадени во рамките на нашата работилница за емоции и уметност, реализирана со група млади девојки и момчиња кои храбро решија да ги истражат, осознаат и изразат своите емоции.


Отпечатоци на соништата
Ангелина Илиеска
Детската невиност има слобода на изразување преку боја и допир. Како деца живееме во свет на фантазија, соништа и внатрешен мир, во пурпурен виор, заштитени од надворешниот свет. Трагата што ја оставаме во светот е безгрижна, искрена и незаборавна. Секое дете во себе носи светлина и убавина, само треба да му дозволиме да блесне.

Виор на емоции
Ангелина Илиеска
Внатрешниот немир и силата на човечките чувства, се пренесени преку боја и движење. Борбата помеѓу хаосот и спокојот бесконечно трае во сите нас. Белите отпечатоци од раце сведочат за човечкото присуство среде бурата – за обидот да се остави трага, дури и кога сè околу се менува. Природата го отсликува нашето внатрешно јас.

Низ прозорецот на носталгијата
Барбара Тофоска
Го гледам ова платно и во него ја чувствувам онаа носталгија што нè боли, ама сепак не ја пуштаме да замине. Две половини на едно време, левата страна е детството, со боите на сончевите денови, цвеќињата што растат високо, и дождовите што тогаш ги сакаше затоа што ти дозволуваа да ја газиш калта без грижа. Десната страна е сеќавање што полека бледее, како стара фотографија. Цветовите се разлеани, а дождот е поситен, студен.

Лица во бранови
Јоана Тодороска
Моите емоции често се преплетуваат и се појавуваат едни над други, како бранови во море. Лицата – радост, тага, смиреност и немир – заедно го создаваат мојот внатрешен свет. Водата е движење, длабочина и промена. Емоциите не треба да ги потиснуваме, туку да ги прифатиме како дел од нас.

Плоштадот на боите
Барбара Тофоска и Јоана Тодороска
Ова е слика на оние денови кога седиш сам и се присетуваш на мирисот на тревата по дожд, на разговорите што ги немаш веќе, на безгрижните погледи кон небото. Слика што нè потсетува дека секоја носталгија е доказ дека си сакал нешто длабоко.

Момент на мир
Јована Терзиеска
Кога ја цртав оваа слика, само сакав да побегнам од сè. Од гласните мисли, од обврските, од чувството дека морам да бидам нешто. Зелената и сината ми дојдоа како здив, како свежина после долга бура. Жолтата и портокаловата ми ги вратија сеќавањата на топли денови, на сонце, на мир.
Се чувствував како да сум во свој свет додека боите се мешаа меѓу себе – не обидувајќи се да бидат совршени, туку само да бидат. И мислам дека тоа е пораката што сакам да ја пренесам: не мораш секогаш да имаш контрола, доволно е да дозволиш нешто убаво да се случи само по себе.

Кога сè ми е премногу
Јована Терзиеска
Оваа слика ја направив кога чувствував дека ќе пукнам. Бојата само ја фрлав, без план, без мислење. Виолетовата ми е тага. Црната – стравот што не го кажувам. Розовата и сината се тие делови од мене што сепак сакаат љубов, внимание, нежност.
Се чувствував како да сум замрзнатa, ама и како да врие нешто во мене. Ми требаше начин да кажам „овде сум“, без зборови. Ова не е само слика. Ова сум јас кога никој не гледа. И верувам дека не сум сама во тоа.

Огнена Ружа
Лина Капсарова
Ружата во мојот наслов и во делoто ме симболизира мене како човек.
Ружата е цвеќе кое има многу љубов и надеж да даде, но е многу неразбрано поради своите трња на дршката.
Во моето срце има оган кој жари.
„Океј е да сте различни и неразбрани од другите.’’

Златна борба
Лина Капсарова
Мојата страст е црвена.
Мојата надеж свети жолто, ослепува.
Чекорам по виножитото на мојот пат, само златното грне ме чека напред, тмурните денови ги оставам позади грб.
„Не се откажувајте и кога е тешко.’’

Виножитен бран
Лина Капсарова
Кога цртам дела, јас се истурам емотивно на делото, како бран.
Зелената боја во делото симболизира која сум јас како човек „спуштена на земјата’’ и мојата љубов кон природата.
Вселената на мојата личност, хаосот од чувства и мисли во мене го истурам во сите мои дела.
„Не се откажувате во тоа што го сакате и што ве инересира, без разлика што мислат другите.’’

Цветната круна на емоциите
Лиса Велкова
Сликата ја отсликува сложеноста на човечките емоции преку ликот на жена чиј поглед е длабок и полн со некажани чувства. Секој круг претставува различна емоција — тага, среќа, надеж, љубов. Изразот на девојката е сериозен, но во себе крие длабока мисла и внатрешна борба. Цветовите во косата ја претставуваат желбата за убавина и мир дури и во хаос. Палетата на бои и динамичните потези покажуваат како емоциите можат да се испреплетат и судрат. Оваа слика е визуелна приказна за внатрешниот свет кој не секогаш се гледа однадвор.

Заробена
Марија Алексовска
Одам по улиците на мојот роден град и сè што можам да видам е уништени соништа, празни ветувања и гушење.
Гушење не само од воздухот, туку од сите места кои ги сакам од сè срце.
Како да се духови од минатото кои се сета сила ме чуваат тука, заробена.
Дали бегство ќе ме спаси од самата себе?

Гневот кога ништо не е во твои раце
Марија Стојаноски
Понекогаш, најсилниот гнев доаѓа токму од немоќта. Кога ситуациите излегуваат надвор од наша контрола, се појавува чувство на фрустрација, како тивок пламен што полека прераснува во бес. Тоа е гнев што не може лесно да се насочи, затоа што нема виновник, нема решение, само чувство дека светот се одвива без тебе. И токму тогаш, гневот не е само реакција, туку болка што сака да биде слушната.

Надеж
Милена Чачоровска
Тогаш кога сите патишта изгледаат затворени, надежта е таа која нè води низ животот. Со неа секој предизвик станува поднослив и секоја болка има смисла. Таа е почеток на секое ново поглавје во животот. Цветот продолжува да ја шири опојната миризба и гордо да ја покажува својата убавина дури и тогаш кога ќе биде отсечен од својот корен.

Збунетост и самодоверба
Милош Мучев
Постојаната борба меѓу збунетоста и потребата за самодоверба… Неизедначените потези и контрастите меѓу темните и светли бои ја изразуваат тензијата меѓу несигурноста и стремежот кон стабилност. Во центарот на композицијата се наѕира круг, како јадро или јасен фокус, кој е всушност јадрото на личноста која и покрај внатрешниот метеж, бара своја сила.

Под површината
Марија Стојаноски
Милош Мучев
Во мене има два света. Горниот, надворешната перцепција на тинејџерот, постојано „набљудуван“ и изложен на очекувања од околината и долниот, како длабочина на вода каде каде во вртлог се вртат мисли, чувства и сенки. Долниот, потемнен и исполнет со кругови е внатрешниот свет, комплексен, немирен и интензивен. Контрастот меѓу светлото и темното ја отсликува внатрешната борба помеѓу потребата да се биде прифатен и желбата да се зачува сопствениот идентитет.

Прифаќање
Сани Велкова
Ангелската фигура, преку процес на прифаќање и самоосознавање, се пронаоѓа сама себе .
„LET GO“ – повик за ослободување од болка, минато или стравови.
„LOVE, HEAL, SHINE“ – љуби, исцели, сјај.
Нашата потреба да се најде светлина по темнината преовладува во сè што правиме, но на крај на денот само себе се имаш. Вистинската сила лежи во прифаќањето и во љубовта кон себе.

Во мене сè се движи
Анонимно…
„За да го разбереме мозокот што ги создава човековиот ум и човековото однесување на задоволителен начин, неопходно е да го земеме предвид неговиот општествен и културен контекст.“
Антониот Дамасио, Грешката на Декарт

